Пред најавениот Светски самит на Слободен Иран, што ќе се одржи следните два дена во Албанија, амбасадата на САД објави соопштение во кое наведува дека постојат сознанија за потенцијална закана насочена кон настанот и учесниците. „Владата на САД има сознанија за потенцијална закана насочена кон Светскиот самит на Слободен Иран што ќе се одржи во близина на Драч, Албанија на 23-24 јули 2022 година“, се наведува во објавата на амбасадата во која ги повика своите граѓани да го избегнуваат овој настан. Самитот ќе се одржи во кампот на иранските муџахедини, припадници на МЕК, во Манза, кај Драч, на околу 30 километри од Тирана, каде што се сместени најмалку 3 илјади муџахедини.
Децата и мајките меѓу Европа и Исламска држава
Муџахедините се сметаат за терористичка група од страна на Исламската Република Иран и со децении се во отворен конфликт со тамошниот режим. Деновиве албанското специјално јавно обвинителство, СПАК, потврди дека под истрага се 20 лица кои моментно живеат во оваа земја, бидејќи се осомничени дека се дел од терористичка ќелија. „Станува збор за поранешни членови на иранската муџахединска организација, кои се отцепиле од оваа организација и кои сега се осомничени дека вршеле забранета активност на територијата на Албанија во име на терористичката организација на Револуционерната гарда на Иран и тамошните тајни служби“, наведоа медиумите.