Хјуман рајтс воч (ХРВ) ја обвини Русија за вршење тортура, незаконско приведување и исчезнување на цивили во окупираните области на јужна Украина во регионите Керсон и Запорожје. Во извештајот објавен денеска, њујоршката организација за заштита на човековите права рече дека наводните прекршувања извршени од страна на руските сили, во кои е вклучено и тортурата на украинските воени заробеници држени во областа под нивна контрола, се еднакви на воени злосторства. „Руските сили ги претворија окупираните области на јужна Украина во бездна на страв и диво беззаконие“, изјави Јулија Горбунова од ХРВ, додавајќи: „Тортурата, нехуманото постапување, како и незаконското затворање на цивили, се меѓу очигледните воени злосторства што ги документиравме, а руските власти треба веднаш да прекинат со таквите злоупотреби и да разберат дека ќе бидат повикани на одговорност“.
ХРВ: Руските сили убиле голем број цивили во Чернихив
ХРВ соопшти дека при составувањето на извештајот било разговарано со 71 лице од Керсон, Мелитопол, Бердјанск, Скадовск и уште 10 градови и населени места во регионите Керсон и Запорожје. Сведоците опишале 42 случаи во кои руските војници произволно држеле цивили, многу од нив мачеле, а некои од приведените исчезнале.
Хјуман рајтс воч бара Русија да истражи убиство на цивили
Меѓу методите на тортура опишани од интервјуираните било продолжено тепање, понекогаш со бејзбол палки и електрични шокови, кои често резултираа со повреди, вклучувајќи скршени ребра и други коски и заби, тешки изгореници, потрес на мозокот, исеченици, и модринки. Групата за човекови права смета дека злоупотребите очигледно биле насочени не само кон добивање информации, туку и да влеат страв, така што луѓето да ја прифатат окупацијата од Русија.