Украинските сили ги одбиваат руските напади

Киев вели дека стекнал „значаен потенцијал “ на бојното поле (илустрација)

Украинските сили успешно ги одбиваат руските напади врз електраната Вухлехирск, додека Москва продолжи немилосрдно да ги гранатира градовите Краматорск и Сиверск, соопшти британското воено разузнавање на 22 јули, откако Киев оцени дека за прв пат стекнал „значаен потенцијал “ да ги унапреди своите сили на бојното поле. Вухлехирск, кој се наоѓа на околу 50 километри североисточно од Доњецк, е втората по големина електрана во Украина и стратешка инфраструктурна цел што руските сили сакаат да ја освојат. Во својот дневен билтен за разузнавање, британското Министерство за одбрана го цитира Виталиј Ким, гувернер на украинскиот регион Миколаев, кој вели дека руските сили користеле ракети за противвоздушна одбрана за да нападнат инфраструктура, енергетски објекти и складишта во областа.

Зеленски: Украина има „значаен потенцијал“ да напредува на фронтот

Британското разузнавање забележа дека Русија ја засилила употребата на ракетни системи за противвоздушна одбрана за напад на копнени цели - факт што го издава критичниот недостиг на наменети проектили за копнен напад. Се вели дека Русија „речиси сигурно“ распоредила стратешки системи за противвоздушна одбрана С-300 и С-400 наменети за соборување авиони и ракети на долг дострел, во близина на Украина од почетокот на инвазијата. Украинската војска на 22 јули соопшти дека главните напори на руската армија во источниот регион Доњецк се концентрирани во правците Краматорск и Бахмут.