Русија ќе го разгледа барањето на Унгарија да купи повеќе гас, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по вчерашната средба со унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во Москва. Сијарто, кој рече дека отпатувал во Москва за да разговара за обезбедување гас и изнаоѓање мирно решение за војната во Украина, се состана со Лавров и други руски претставници. Според 15-годишниот договор со рускиот енергетски гигант Газпром, потпишан минатата година, Унгарија добива 3,5 милијарди кубни метри гас годишно преку Бугарија и Србија, и уште милијарда кубни метри гас преку гасовод од Австрија.
Унгарија ги намали ограничувањата на цената на енергијата за оние кои повеќе трошат
Сијарто на прес-конференција изјави дека на Унгарија и се потребни дополнителни 700 милиони кубни метри гас покрај постојниот договор за снабдување и дека нема да биде можно да се купи толку без руски извори. Лавров го призна „интересот на унгарската влада за ново купување на природен гас оваа година“, додавајќи дека барањето ќе биде разгледано. Сијарто рече дека неговата цел е да ги заврши разговорите за купување гас што е можно поскоро.