Болни, здрави, пожари, пари...

УКРАИНА / РУСИЈА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги увери Украинците дека е добро по, како што рече, лажните вести за неговото здравје дистрибуирани од руски хакери. И Кремљ ги отфрли медиумските шпекулации дека здравствената состојба на претседателот Владимир Путин е нарушена, отфрлајќи ги гласините како „лажни“.

ЕУ - Европската унија денеска воведе нови санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина, откако 27-те членки ги поддржаа мерките кои вклучуваат забрана за увоз на злато, дополнителни ограничувања на најголемата банка во земјата и построга контрола на извозот на некои технолошки производи.

СРБИЈА - Владата на Србија ја укина забраната за извоз на пченица и пченка, соопшти денеска српското Министерството за земјоделство.

ГЕРМАНИЈА - Европската централна банка (ЕЦБ) ги зголеми каматните стапки за прв пат по 11 години додека се обидува да ја контролира зголемената инфлација во еврозоната. ЕЦБ ја зголеми основната каматна стапка за 0,5 процентни поени и планира дополнително да ја зголеми оваа година.

МАКЕДОНИЈА - Од Министерството за надворешни работи преку соопштение појаснуваат дека главна цел на унилатералната изјава за македонскиот јазик, на првата Меѓувладина конференција за пристапувањето на земјава во Европската унија, била да се осигура употребата на чиста формулација за јазикот во документи на Советот на ЕУ, „без какви било објаснувања, додавки или фусноти“.

САД - Американскиот претседател Џо Бајден е позитивен на тестот за Ковид -19 и има „многу благи симптоми“, соопшти денеска Белата куќа.

МАКЕДОНИЈА - Гори мешана шума од бука и даб меѓу беровските села Митрашинци и Будинарци, но и сува трева и шума на планината Средна на местото Света Вода, меѓу делчевските села Разловци и Трботивиште. Пожарот во делчевско вечерва беше ставен под контрола, за разлика од беровско за каде беше побарана помош и од армијата.

МАКЕДОНИЈА - Епидемиолошката состоба во државата е стабилна и засега нема дополнителни превентивни мерки, изјави портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ по денешниот состанок на нејзините членови. Тој соопшти и дека се отвораат 5 ковид амбуланти во Скопје.

МАКЕДОНИЈА - Скопското Основното јавно обвинителство денеска поднело обвинение против три лица за кривично дело „убиство“ на ракометарот Денис Тот. Тие се товарат дека на 7 април пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје заеднички го лишиле од живот младиот хрватски ракометар.