Европската унија денеска воведе нови санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина, откако 27-те членки ги поддржаа мерките кои вклучуваат забрана за увоз на злато, дополнителни ограничувања на најголемата банка во земјата и построга контрола на извозот на некои технолошки производи.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека зголемените и продолжени санкции на ЕУ против Кремљ испраќаат силен сигнал до Москва.
„Ќе го задржиме притисокот силен се додека е тоа потребно“, рече таа.
Секоја забрана за увоз на руски гас, кој сè уште е спас за многу големи индустрии во ЕУ, не се разгледува. Претставниците на ЕУ цела недела работеа на заострување на широкиот пакет санкции против Русија и бараа начини да додадат забрана за извоз на злато, надевајќи се дека мерките би можеле да почнат да имаат одлучувачко влијание врз војната во Украина.
„Ние фактички го забрануваме најважниот руски извоз по енергијата - руското злато“, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
Групата седум од водечките светски индустриски земји вети дека ќе го забрани увозот на злато минатиот месец, тврдејќи дека Русија го користи златото за да ја поддржи својата валута и да го заобиколи влијанието на претходните санкции наметнати од земјите ширум светот по инвазијата на Украина на 24 февруари.
ЕУ, исто така, презеде дополнителни мерки против руската Сбербанк која ќе биде додадена на листата на санкции на ЕУ и нејзините средства ќе бидат замрзнати, со што сите трансакции ќе бидат речиси невозможни.
ЕУ исто така ја заостри контролата врз лицата кон кои санкции, најчесто олигарси блиски до рускиот претседател Владимир Путин. Сега треба и официјално да се изјаснат каде имаат имот во ЕУ за да може да се замрзнат средствата.
ЕУ рече дека одбивањето да го сторат тоа може да доведе до кривични пријави и конфискација на имот.
Во понеделникот ЕУ одлучи да ја зголеми воената помош за Украина за 500 милиони евра. Европската унија досега вети вкупно 2,5 милијарди евра на Украина по инвазијата на Русија на 24 февруари.