Србија ја укина забраната за извоз на пченка и пченица

Илустративна фотографија

Владата на Србија ја укина забраната за извоз на пченица и пченка, соопшти денеска српското Министерството за земјоделство.

„Слободниот извоз ќе важи до почетокот на есента, кога ќе се изврши нова проценка на состојбата и вкупните залихи на клучните житни култури“, се наведува на веб-страницата на Министерството.

Се додава дека ваквата одлука е донесена врз основа на анализата на моменталната состојба и залиха на пченица по жетвата.

По проценката наесен, врз основа на увидот во состојбата со залихите на жито, соодветно ќе се преземат понатамошни чекори.

Се додава дека на седницата на Владата во четвртокот е донесена одлука да се одобри извоз на 4.000 тони рафинирано сончогледово масло на големо.

На 11 март, поради нестабилната состојба на пазарот по руската инвазија на Украина на 24 февруари, Србија го прекина извозот на пченица, брашно, пченка и масло за јадење.

Сепак Србија дозволи испорача пченица, пченка и брашно на Македонија и Албанија како дел од иницијативата Отворен Балкан, преку која трите земји членки се обврзаа на поддршка во обезбедување на производи за кои има недостиг на пазарот.

Во претходниот период, производителите на жито во Србија постојано изјавуваа дека поради рестрикциите, во земјата за извоз и залихи останале рекордни 700.000 тони пченица и околу 800.000 тони пченка.

По поплаки од извозниците, на 20 април државата ги одобри квотите, па во мај беше дозволен месечен извоз на 220.000 тони пченица, 150.000 тони пченка и осум милиони литри рафинирано сончогледово масло. Јунските квоти за пченица и пченка останаа на исто ниво, но повторно беше забранет извозот на сончогледово масло.