Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги увери Украинците дека е добро по, како што рече, лажните вести за неговото здравје дистрибуирани од руски хакери.
Зеленски ги даде своите забелешки во видео на Инстаграм објавено денеска од неговата канцеларија.
Објавата се појави само неколку часа откако Кремљ ги негираше гласините дека рускиот претседател Владимир Путин има здравствени проблеми и откако една украинска медиумска компанија соопшти дека хакерите објавиле лажна информација за здравјето на Зеленски на една од нејзините радио станици по сајбер напад.
„Сајбер -криминалците шират информации дека претседателот на Украина, Володимир Зеленски, наводно е на интензивна нега, а неговите должности ги извршува претседателот на Врховната Рада, Руслан Стефанчук“, објави ТАВР Медиа на Фејсбук.
ТАВР Медиа соопшти дека информациите за здравјето на Зеленски не се точни. Засега нема преземено одговорност за сајбер нападот.
Зеленски ова го нарече „уште лажни вести“ објавени од Русите за да имплицираат дека тој не ја контролира Украина.
„Значи, еве ме во мојата канцеларија и никогаш не сум се чувствувал толку добро како сега“, рече тој.
Кремљ претходно реагираше на медиумските шпекулации за здравјето на Путин, отфрлајќи ги гласините како „ништо освен лажни“.
Говорејќи пред новинарите во Москва портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека рускиот лидер е добро, додавајќи дека кашлицата за време на јавен настап еден ден претходно се должи на обичната настинка што ја фатил за време на патувањето во Иран претходно оваа недела, што било предизвикано со силна внатрешна климатизација.
И покрај извештаите во последните месеци во кои се тврди дека Путин има рак, Паркинсонова болест или и двете, нема докази дека е болен, а Кремљ во неколку наврати изјави дека рускиот лидер е во добра здравствена состојба.