Од Министерството за надворешни работи преку соопштение појаснуваат дека главна цел на унилатералната изјава за македонскиот јазик, на првата Меѓувладина конференција за пристапувањето на земјава во Европската унија, била да се осигура употребата на чиста формулација за јазикот во документи на Советот на ЕУ, „без какви било објаснувања, додавки или фусноти“.
Од МНР посочуваат дека изјавата во себе содржи релевантни делови од Уставот, Резолуцијата на Собранието од 29 јули 2021 година, и заклучоците од собраниската седница од 16 јули 2022 година.
„Во согласност со форматот на унилатералната изјава, даден е кус осврт поврзан со кодификацијата на литературниот македонски јазик и неговата заснованост на специфичниот развој на дијалектите кои се земени како основа за кодификацијата и кои биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија, а тоа се централните говори на западното македонско наречје односно говорите на оската Битола – Прилеп – Велес – Кичево. Поради ограничувањата поврзани со форматот и целта на унилатералната изјава, наведени се само неколку информации и податоци поврзани со јазичниот, просторен и временски континуитет на македонскиот јазик кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ како и неговото значајно место во славистиката и лингвистичката наука“, се истакнува во соопштението на МНР.
Ваквото појаснување доаѓа по силните критики во јавноста за содржината на изјавата, како за правописни грешки, така и за содржината. Така, научните работници од МАНУ, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Институтот за македонска литература, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, Македонскиот славистички комитет реагира дека посочувањето на временскиот и културниот континуитет на македонскиот јазик ги отфрла сите ограничувања на македонските дијалекти.
Група млади македонисти пак во посебно соопштение побараа веднаш, без одложување, од страна на Владата, односно Министерството за надворешни работи изјавата да биде повлечена во целост, бидејќи, како што наведуваат, со неа не се почитуваат востановените научни сознанија и утврдени факти за македонскиот јазичен, книжевен и, воопшто, културен идентитет.
Доставувањето на унилатерланата изјава за јазикот следеше откако ваква изјава во Брисел беше доставена и од бугарска страна, каде јасно стои дека Бугарија не го признава македонскиот јазик.