Гори мешана шума од бука и даб меѓу беровските села Митрашинци и Будинарци, но и сува трева и шума на планината Средна на местото Света Вода, меѓу делчевските села Разловци и Трботивиште.
Командирот на ТППЕ-Берово, Сашко Руменковски вели дека пожарот во беровско се шири поради ветерот, а на терен се излезени пожарникарите, како и вработени од ЈП „Македонски шуми“.
„Потребни се дополнителни сили за да се спречи брзо ширење на пожарот, побарано е од Дирекцијата за заштита и спасување, а нашиот градоначалник го побара и специјалното возило за гасење на шумски пожари од Доброволното Противпожарно друштво во Пехчево“, вели Руменковски.
Овој пожар бил регистриран синоќа на сува трева, но попладнево е раширен поради ветерот. Според Руменковски во моментов нема опасност, по населените места во беровскиот регион бидејќи огнената стихија е во планинскиот предел.
Портпаролката на Општина Делчево, пак Даниела Такева вели дека според првичните информации во делчевско е зафатена е површина од два-три хектари шума и сува трева. Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека од ТППЕ-Делчево се известени дека во 13:50 часот е пријавен пожар на отворен простор во атарот на село Разловци на планината Средна, на местото Ќурчински колиби каде гори сува трева и дабова шума.
Согласно информацијата од пожарникарите кои се на терен зафатена е површина од околу два–три хектари сува трева и дабова шума и поради ветерот и сувата трева пожарот се шири кон борова шума.
Минатата година ситуацијата со пожарите беше најкритична во малешевско-пијанечкиот регион, при што изгоре многу шума, а во гасењето помагаа пожарникари и волонтери од повеќе европски држави.
Од денеска до недела територијата на Македонија ќе биде зафатена со високи температури од портокалова фаза.