Тристано, Емин и оркетарот ФЕЈМС во Филхармонија

Плакатот за концертот на Тристано, Џијан Емин и оркетарот ФЕЈМС во Филхармонија

Замислен да биде завршница на семинарот за хибридна оркестарска музика, оваа сабота, на 23 јули во 20 часот, во Филхармонија ќе се одржи концертот на познатиот американски пијанист, продуцент и композитор Франческо Тристано, оркестарот ФЕЈМС и маестро Џијан Емин како диригент

Скопската летна мрзелива обичност и здодевност, во деновите и ноќите со пеколни горештини кога ви иде дури да си ја соблечете кожата, оваа сабота ќе биде изместена со еден настан што нуди и тоа каква можност за бегство во убавото. Во возвишеното. Надвор од суровата општествено-социјална-политичка туробност и темнина. Во уметноста.

Замислен да биде завршница на семинарот за хибридна оркестарска музика, симболично насловен како Carte Blanche, овој 23 јули во 20 часот, во Филхармонија ќе се одржи концертот на познатиот американски и светски пијанист, продуцент и композитор Франческо Тристано, оркестарот на Институтот ФЕЈМС составен од млади талентирани музичари од европските земји и од Македонија и маестро Џијан Емин како диригент.

Според потписниците на проектот се работи за патешествие преку кое присутните ќе имаат можност да уживаат во звучната слика во која се испреплетени различни музички стилови збогатени со симфониски оркестар, композиции во кои се користат нови технологии, но во исто време грандиозноста и ја даваат инструментите од традиционалниот симфониски орекстар. Овој хибриден концерт, на кој ќе бидат изведени творби кои се веќе создадени од Тристано и Емин, но и композиции кои ќе бидат напишани специјално за оваа прилика, всушност претставува своевиден музичка крстосница каде безусловно се среќаваат класичната, електронската и современата музика, користејќи џез импровизации и каде се случуваат нови изненадувања и возбуди. Каде се бришат сите граници во името на слободата на мислата, на музиката како нејзин најдалечен исчекор.

Франческо Тристано

Во пресрет на концертот Франческо Тристано ќе забележи дека за него е огромна чест што повторно доаѓа во Скопје и што ќе има можност и во оваа прилика да соработува со маестро Џијан Емин и оркестарот ФЕЈМС.

Во градов и во Македонија сум настапувал неколку пати, вклучувајќи го тука и оној концерт со Филхармонија пред две години кога сред пандемија под диригентство на Џијан свиревме со маски на лицата. Изминатава недела имавме прилика да ги подучуваме, да разговараме, да свириме и да снимаме со младите музичари од повеќе европски земји. Бевме сведоци на нивниот секојдневен прогрес и навистина е за воодушевување што се можат да направат тие млади луѓе. На концертот ќе свириме музика чии автори сме Џијан и јас и сметам дека и на тој начин многу посилно ќе се поврземе со луѓето од Оркестарот бидејќи тие нема да соработуваат само со пијанистот и со диригентот, туку и со композиторите, вели Тристано.

А, нашиот Џијан Емин, пак, не ги штеди убавите зборови за Франческо Тристано како човек и музичар. Тој истакнува дека станува збор за личност со која многу лесно се комуницира во музиката и со која можете со сати и сати да разговарате за животот воопшто.

Тој за мене претставува профил на музичар каков што би требало да изгледа во 21 век. Со него се запонавме во Гент, во Белгија, каде што имавме настап со Дерик Меј и Фламанскиот симфониски оркестар. Тој практично ни помогна на тој концерт. Го замени нашиот болен пијанист во последен миг, дојде на перформансот и ги отсвири сите пијано делници којшто ќе речам не се баш наивни за свирење. Поготово не од „прва“. И, од тој момент ние станавме одлични другари. Се разбравме за многу работи и некако ни тргна комуникацијата, дружбата. По тој концерт имавме уште неколку заеднички настапи со Дерик Меј, па потем дојде и оној „пандемиски“ концерт со Филхармонија пред две години, на кој покрај Бах свиревме и еден циклус на негови композиции наречени „Circle Songs“ за пијано и гудачки ансамбл, ќе рече Емин.

Македонскиот музичар и со дополна дека идејата за нивно повторно креативно и едукативно спојување на претстојниот концерт дошла од Лоран Копиц и госпоѓа Оди Наси Мапас од Институтот ФЕЈМС.

Во нивна организација се одржаа неколку мастер класови за филмска, класична, светска и хибридна музика. Еден навистина интересен спој на различни музики, музичари и диригенти своето знаење за оваа област го споделуваат со во случајов студенти и еден дел професионални музичари од Европа. Завршивме со работилниците и пробите и сега почнуваме со снимање на материјалот. Кон ова ќе додадам само уште тоа дека навистина сум многу среќен и задоволен од соработката со Институтот ФЕЈМС и посебно со Франческо Тристано.

Франческо Тристано и Џијан Емин

И, кога сме веќе тука благо посегаме и по техникалиите од делувањето на оркестарот и уметниците што ќе настапат во оваа пригода со него.

Оркестарот на Институтот ФЕЈМС го сочинуваат млади талентирани музичари од различни европски земји и од Македонија, чија цел е пред се преку работа со врвните уметници и диригенти да се стекнат со нови искуства и знаења, да научат повеќе за различните музички стилови, начини на изведување и секако меѓусебно да ги разменат личните музички искуства и знаења но и сопствените традиции и културни карактеристки. Овие млади музичари, поддржани и раководени и од врвни македонски музичари, во различен состав ја започнаа својата работа на 14 јуни и поминаа низ еден многу разновиден и интересен едукативен процес, фокусирајќи се најмногу на професионализација на оркестарското музицирање.

Досега веќе беа реализирани два големи концерти, првиот на отворањето на фестивалот Скопско Лето, а потоа и концертот со клецмер музика заедно со познатите музичари Оливие Труан и Колсимча.

На 23 јули со овој фантастичен концерт, различен по содржина од сите претходни завршува ова музичко патување на младите таленти и врвните професионални музичари.

Оркестарот ФЕЈМС ќе продложи со својата работа веќе во септември и октомври, кога повторно ќе следат многу интересни концерти и содржини.

А, Франческо Тристано ќе биде забележано дека е исклучителен и мултиталентиран музичар: пијанист и композитор, кој успешно ги комбинира сите музички стилови. Тој е многу познат и во електронската, експерименталната и џез музиката каде стана референтна личност кога се зборува за новите движења, каде експлодира неговата креативност и умешност но и начинот на кој тој успева да ја хомогенизира музиката и публиката. Франческо досега соработувал со врвни имиња како Дерек Меј, Карл Крег...

Тристано започнува да свири пијано на петгодишна возраст во Њујор, на престижната школа Џулијард, и токму таму започнува неговата приказна со електронската музика. Таму ги завршува и постдипломските студии.

Добитник е и на голем број на награди од релевантните музички натпревари и се смета за одличен познавач на барокната, но и на современата музика. Тој има снимено огромен опус на композиции од барокот соработувајќи и настапувајќи со најпрестижните оркестри и светски сцени. Неодмна го сними и новиот албум со барокна музика, снимен во живо на концерт во Ла Скала.

Посебно се издвојуваат неговите настапи во Елб филхармонијата, Концертгебау, Аудиториумот во Барселона, симфониските оркестри во Цирих, Шчечин, Лил, Ливерлпул, Луксембург, Лајпциг (соработувајќи со познатиот диригент Кристијан Јарви) и многу други. Неодамна, заедно со диригентот Румон Гамба во Хонг Конг, беше изведен и неговиот нов концерт за пијано и оркестар.

Неговиот дискографски опус освен композиции од барокната музика опфаќа и бројни дела од современата музика, како на пример изведби на композции од Л. Берио, Џ. Кејџ, потоа проектите насловени Idiosynkrasia, BachCage, The Long Walk, Scandale, Piano Circle Songs, Tokyo Stories и други.