Руските сили гранатираа станбена област на Никопол, град јужно од Запорожје, при што во текот на ноќта загинаа најмалку двајца цивили, а беа повредени уште девет други, вклучително и неколку деца, соопштено е денеска во Киев Во соопштението се додава дека украинските сили се судриле со напаѓачите на југот и на истокот на земјата, убивајќи повеќе од 100 непријателски борци. Украинската војска, исто така, објави дека имало силно руско гранатирање на фронтот на исток, поради, како што наведуваат, главно неуспешните обиди на руските копнени сили да напредуваат. Администрацијата инсталирана од Русија во делумно окупираниот украински регион Запорожје соопшти дека Украина извршила напад со беспилотно летало врз тамошната нуклеарна централа, но реакторот не бил оштетен. Извештаите не можеа да бидат независно проверени.
Лавров: целите на Москва во Украина веќе не се ограничени само на Донбас
Во меѓувреме, британското воено разузнавање денеска соопшти дека руските сили и сепаратистите поддржани од Москва продолжуваат со обиди за мали напади долж линијата на фронтот на исток. Руските сили веројатно се приближуваат кон втората по големина електрана во Украина во Вухлехирска, на околу 50 километри североисточно од Доњецк и се чини дека Москва има приоритет за заземање на критична национална инфраструктура, објави британското разузнавање во својот дневен билтен.
Украинските сили тврдат дека успешно го користат ХИМАРС
Секретарот за одбрана на САД Лојд Остин на 20 јули рече дека Вашингтон ќе испрати уште четири системи HIMARS во Украина, оценувајќи дека Украина досега одлично го искористила ова американско оружје.