Од Мијалков до Путин и Хамнеи
ИРАН / РУСИЈА / ТУРЦИЈА - Иранскиот врховен лидер изрази силна поддршка за рускиот претседател Владимир Путин и руската војна во Украина, обвинувајќи ги западните земји дека се противат на „независна и силна“ Русија. Ајатолахот Али Хамнеи рече дека ако Русија не испратила војници во Украина, подоцна ќе се соочила со напад од НАТО, изјава што ја повтори реториката што Путин ја употреби пред да испрати руски сили во Украина на 24 февруари.
МАКЕДОНИЈА - Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков ја променил адресата на живеење во Охрид. Мијалков на почетокот на месецов призна вина за случајот „Империја“ и треба да оди три години во затвор. Тоа значи дека тој казната би ја издржувал во затворот во Струга.
УКРАИНА - Првата дама на Украина, Олена Зеленска побара од САД повеќе одбранбено оружје со цел да се спречат руски воздушни напади кои „убиваат деца во нивните колички“ и што може да ги заштити Украинците од руски „терористички напади“.
МАКЕДОНИЈА - Вицепремиерот за европски прашања. Бојан Маричиќ изјави дека државата има 45 проценти усогласување со ЕУ во делот на законодавството. Според него, доколку се продолжи со таа динамика, темпото ќе биде побрзо од Србија и Црна Гора кои преговараат веќе десет години. Во однос на процесот на скрининг тој рече дека во септември почнува скринингот и по кластери и по поглавја.
МАКЕДОНИЈА - Министерството за труд и социјална политика ги повикa работодавачите, негователите и воспитувачите во градинките, вработените во Центрите за социјална работа, во Црвениот крст да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство, за заштита на здравјето и превенирање на последиците од топлотните бранови кои следуваат, согласно Акцискиот план на Министерство за здравство за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението.
МАКЕДОНИЈА - Научните работници од МАНУ, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Институтот за македонска литература, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, Македонскиот славистички комитет по повод објавената Унилатерална изјава за македонскиот јазик реагираат дека посочувањето на временскиот и културниот континуитет на македонскиот јазик ги отфрла сите ограничувања на македонските дијалекти.
РУСИЈА - Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров денеска изјави дека географските цели на руската „специјална воена операција“ во Украина повеќе не се ограничени на источните региони Доњецк и Луганск, попознати како Донбас. „Сега, географијата е различна. И тоа не е само [териториите контролирани од сепаратистите поддржани од Русија во Донбас] туку и регионот Керсон, регионот Запорожје и голем број други територии, а процесот продолжува консеквентно и упорно“, рече Лавров во интервју за новинските агенции РИА Новости и РТ.
ЕУ - Европската комисија денеска предложи земјите од ЕУ доброволно да ја намалат употребата на гас за 15 насто до март, што може да стане законски обврзувачко доколку Русија го прекине снабдувањето со гас во Европа. Целта би била земјите да ја намалат употребата на гас за 15% од август до март, во споредба со нивната просечна потрошувачка во истиот период во периодот 2016-2021 година.
МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство Беким Сали на денешната прес конференција изјави дека „Случајот „Брезев“ ќе добие разрешница. „Никој не е над законот, ниту има недопирливи“, рече тој, наведувајќи дека бил во тек состанок на стручен тим од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) со претставници од клиничката болница „Жан Митрев“ за да се утврди дали испитувањата врз пациентите кои се лекувале таму се вршени согласно важечките прописи. Според министерот, Државниот санитарен и здравствен инспекторат во последните три години направил 45 редовни и 52 вонредни инспекциски надзори во 12 приватни здравствени установи.
УНГАРИЈА - Унгарскиот парламент го одобри предлогот да се укине Европскиот парламент како избрано тело и да се замени со систем во кој националните законодавни тела од 27-те членки на блокот именуваат претставници. Десничарската националистичка партија Фидес на премиерот Виктор Орбан го предложи овој потег, а на 19 јули го поддржаа 130 нејзини пратеници во домот со 234 места.