Mинистерот за економија Крешник Бектеши информира дека Владата на денешната седница донела две одлуки за ограничување на извозот на одредени производи и одлука за укинување на царината за увоз на масло за јадење од сончоглед до крајот на годината.
Бектеши порача дека овие одлуки се донесени со цел да се избегнат шпекулативни дејствија на трговците и производителите и за заштита на домашното производство, домашниот пазар и граѓаните, како и да се одржува снабдувањето на домашниот пазар од растот на цените.
„Во услови на економската криза предизвикана од воените случувања во Украина и пореметувањата на светскиот пазар на пченица на кој се јавува сериозен недостиг на пченица, потребно е да се превенираат евентуалните дополнителни нарушувања на пазарот во земјата кај овие основни прехранбени производи, неопходни за исхрана на населението“, се наведува во соопштението од Министерството за економија.
Одлука за привремено ограничување на извозот на огревно и необработено дрво и пелети, како што посочуваат од министерството, е донесена со цел да се спречат и избегнат последиците предизвикани од зголемената побарувачка на населението за огревно дрво предизвикана од енергетската криза на светскиот пазар. Оттаму додаваат дека одлука за привремена забрана на извозот на одредени дрвни сортименти неодамна имаат донесено владите Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Со консултација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, исто така на предлог на Министерството за економија, Владата, како што стои во соопштението, повторно донела одлука за укинување на увозната давачка- царинската стапка за увоз на масло од сончоглед за јадење поради потребата да се одржува снабдувањето на домашниот пазар од растот на цените.
Од 15 јули заклучно со 30 септември, белиот леб, белиот шеќер и сончогледовото масло за јадење се продаваат со пет насто трговска маржа во трговија на големо и пет насто во трговија на мало. За пченично брашно, тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, бел ориз, трајно млеко и јајца се утврдува маржа од десет проценти во трговија на големо и трговија на мало.