Научните работници од МАНУ, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Институтот за македонска литература, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, Македонскиот славистички комитет по повод објавената Унилатерална изјава за македонскиот јазик реагираат дека посочувањето на временскиот и културниот континуитет на македонскиот јазик ги отфрла сите ограничувања на македонските дијалекти.
„Така што наведеното во Унилатералната изјава дека: „Овој континуитет се заснова на специфичниот развој на дијалектите што се во неговата основа и биле распространети на територијата на денешна РС Македонија“, претставува грубо фалсификување на лингвистичките факти и на проучувањата на македонскиот јазик“, наведуваат тие.
Македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности, како што посочуваат, имаат свој многувековен просторен и временски континуитет во составот на големата група словенски јазици. Во лингвистиката, според нив, се прифатени и научно фундирани фактите дека дијалектната диференцијација во Македонија започнала од 11 век.
„Македонскиот јазик и бугарскиот јазик се издигнуваат како јазични норми речиси во исто време, а македонската јазична норма никогаш не била дел на бугарската јазична норма. Македонската јазична норма се диференцира со контрастивната студија на македонските наречја од Партениј Зографски во 1858 и во книгата „За македонцките работи“ (1903) од Крсте Мисирков. Со прифаќањето на основните Мисиркови поставки за стандардизацијата на македонскиот и нивна разработка се заокружи кодификацијата на македонскиот јазик во 1944 год. и во 1945 год. со донесувањето на решенијата за македонската азбука и за македонскиот правопис. Македонскиот стандарден јазик беше широко прифатен во сите сфери на општествениот живот“, се вели во соопштението.
Во него се додава и дека македонскиот јазик е впишан во Регистарот на земји и јазици од страна на поткомисијата УНГЕГН при ООН, а се наведуваат примери и за застапеност на јазикот во други меѓународни институции.
„Ние, како научни работници, потврдуваме дека како и досега и во иднина ќе се раководиме според меѓународно прифатените научни сознанија за македонскиот јазик во историски и во современ контекст. Се повикуваме и на Европската повелба на фундаментални/основни права чиј чл. 22 гласи: „Унијата ќе ја почитува културната, религиозната и јазичната разноликост.“ Сметаме дека при сите разговори што ги опфаќаат јазичните и идентитетските прашања секоја земја членка на ЕУ мора да ја почитува оваа европска определба“, се додава во соопштението.
Млади македонсти пак во посебно соопштениет побараа веднаш, без одложување, од страна на Владата, односно Министерството за надворешни работи изјавата да биде повлечена во целост, бидејќи, како што наведуваат, со неа не се почитуваат востановените научни сознанија и утврдени факти за македонскиот јазичен, книжевен и, воопшто, културен идентитет, зад коишто стои не само домашната и странската македонистика, туку и современата светска славистика, лингвистика, книжевна наука и историографија.
„Во Изјавата, меѓу другото, не се почитуваат и меѓународно усвоени теории и практики на толкување на фактите поврзани со историјата на словенските јазици во чиешто семејство припаѓа и македонскиот јазик, а, следствено на тоа, и на толкување на фактите за историјата на македонската книжевност и, воопшто, македонската култура. Ваквата Изјава може да доведе до сериозни и трајни последици по нацијата, државата и севкупната македонска култура, и затоа укажуваме дека доколку не биде повлечена, од наша страна ќе биде сметана за нелегитимна, а за нелегитимен ќе го сметаме и секој натамошен акт којшто ќе се темели или повикува на неа.“, велат тие.
Македонија вчера до ЕУ достави еднострана изјава за јазикот, која ќе биде приложена кон записникот од првата политичка меѓувладина конференција. Во македонската изјава се наведува дека, како што е прoпишано во Уставот на Република Северна Македонија, македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е службен јазик на РСМ на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи.