Министерот за здравство Беким Сали на денешната прес конференција изјави дека „Случајот „Брезев“ ќе добие разрешница. „Никој не е над законот, ниту има недопирливи“, рече тој, наведувајќи дека бил во тек состанок на стручен тим од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) со претставници од клиничката болница „Жан Митрев“ за да се утврди дали испитувањата врз пациентите кои се лекувале таму се вршени согласно важечките прописи. Според министерот, Државниот санитарен и здравствен инспекторат во последните три години направил 45 редовни и 52 вонредни инспекциски надзори во 12 приватни здравствени установи.
Ќе има ли одговорност за случајот „Нечиста крв“?
Детали соопшти директорката Иринка Сотировска Бухова, информирајќи дека конкретно во „Жан Митрев“ се спроведени три редовни и девет вонредни инспекциски надзори. Сали на прес-конференцијата претходно ја објасни методата на хемофилтрација која, како што нагласи, се користи при третман на пациенти во тешка состојба, сместени на интензивна нега. „Дали методата е применувана согласно строгите критериуми и индикации, треба да процени стручен надзор од експерти во соодветните области“, подвлече министерот. Сали потенцира и дека Министерството за здравство останува отворено за соработка за сите институции на барање на ОЈО.
Јавното обвинителство деновиве оформи предмет по допрен глас по документарната емисија „Нечиста крв“ објавена на ИРЛ, во која медиумот објавува дека клиниката „Жан Митрев“ вршела клиничка студија со методот на хемофилтрација без истиот да биде пријавен и одобрен од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД. Од клиниката „Жан Митрев“ реагираат дека станува збор за невистинити квалификации кои се насочени кон намерно нарушување на честа и угледот на болницата, а истите се и вознемирувачки и за пациентите.