Во Украина 100 долари награда за оние кои ќе пријават руски соработник

Гувернерот на Миколаивската област во јужна Украина, која постојано е гранатирана од руските сили, денеска предложи награда од 100 долари за оние кои ќе помогнат да се идентификуваат соработници со Русија.

Гувернерот Виталиј Ким ги повика граѓаните да даваат информации за „оние кои на окупаторите им ги откриваат местата на распоредување на украинските војници“ или им помагаат на Русите да ги лоцираат потенцијалните мети за бомбардирање.

„После внимателна проверка и потврда на дадените информации, ќе добиете награда од 100 долари“, напиша Ким на Телеграм.

Гувернерот рече дека планира да го „затвори“ градот Миколаив на неколку дена за да ги „неутрализира предавниците и руските соработници“.

„Сакаме да ставиме точка на тоа. Размислуваме за полициски час. Имаме голема база на податоци. Ќе го затвориме градот на неколку дена, ќе одиме и ќе чукаме на вратите на лошите луѓе“, рече тој.

Таа изјава доаѓа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна го смени шефот на специјалните служби и главниот обвинител, обвинувајќи ги за недоволни напори во борбата против шпионите и соработниците на Москва.

Италијанскиот весник Ла Република денеска објави дека обидот за пуч против Зеленски е вистинската причина за „чистките“ кои украинскиот претседател ненадејно ги спроведе во врвот на структурите на безбедносниот апарат и обвинителството, под обвинение дека се оддавани државни и воени тајни на руската страна.