Унгарскиот парламент го одобри предлогот за укинување на Европскиот парламент како изборно тело и да се замени со систем каде националните законодавни тела на сите земји члени на ЕУ ќе именува свој претставник.
Предлогот го даде десничарската националистичка партија Фидес на премиерот Виктор Орбан. Предлогот денеска го поддржаа 130 пратеници од вкупно 234 избраници, колку што има во Парламентот.
Се очекува во наредните месеци Орбан да го предложи предлогот пред лидерите на ЕУ.
Орбан вели дека законодавците на Европската унија (ЕУ) треба да бидат именувани од националните парламенти наместо да бидат избирани од гласачите на нивните земји, како што е случајот сега.
„Европската демократија мора да биде извадена од ќорсокакот во кој ја доведе Европскиот парламент. Европската унија мора да се промени бидејќи е неподготвена за предизвиците на нашето време“, се вели во резолуцијата.
Орбан, кој доминира во унгарската политика повеќе од една деценија, се бори со Брисел за низа прашања, од перцепциите за заостанување на демократијата и правата, до санкциите против Русија за нејзината инвазија на Украина, до проширувањето и други внатрешни прашања на ЕУ.
Минатата недела Европската комисија објави дека ја упатува Унгарија до Европскиот суд на правдата (ЕСП) за наводна дискриминација на ЛГБТ лицата, ограничување на слободата на медиумите и дискриминаторски цени на бензинот за возила со странски регистрации.