Европските земји мора да го забрзаат вакцинирањето и да го вратат носењето маски за да се справат со напливот на нови случаи на ковид и за да избегнат построги мерки подоцна, изјави регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге.
Тој во изјава за Ројтерс ги повика земјите да преземат итна акција за да избегнат преоптоварување на здравствените системи наесен и во зима, бидејќи продолжува брзото ширење на подваријантата омикрон БA.5.
Минатата недела во Европа беа пријавени речиси три милиони нови случаи на ковид-19, што е речиси половина од сите нови случаи ширум светот. Стапките на хоспитализација се удвоија во истиот период, а скоро 3.000 луѓе умираат од болеста секоја недела, рече Клуге.
„Има зголемување на случаите во општеството кое функционира речиси како порано“, рече тој, нагласувајќи ја потребата од вакцинација, носење маски и подобра вентилација. Тоа мора да се примени за да се избегнат многу построги мерки, рече Клуге.
„Не мислам дека општеството е подготвено за затворање“, рече регионалниот директор на СЗО.
Тој вели дека земјите освен со ковид сега треба да се справат и со зголемената инфлација и со недостигот на храна предизвикани од руската инвазија на Украина, но, како што вели, владите сè уште треба да инвестираат повеќе во здравството.
Од прогласувањето на пандемијата во март 2020 година, повеќе од 5,3 милиони луѓе ширум светот починаа поради инфекција со коронавирусот. Досега се заразени повеќе од 272 милиони луѓе.