Со 61 глас „за“, Собранието денеска го усвои предлог-ребалансот на буџетот за 2022 година.
Владата оваа година ќе се задолжи за 150 милиони евра повеќе од претходно планираното. Според првичниот Буџет, беше планирано задолжувањето да биде 545 милиони евра, но сега се предвидува буџетската дупка да се прошири на 695 милиони евра, односно 5,3 проценти од БДП-то. Планирано е 70 отсто од ова задолжување да се направи во странство. Со тоа, јавниот долг годинава повторно ќе надмине 60 отсто од БДП-то.
Според Ребалансот, државата оваа година ќе собере повеќе пари од првично планираното, но ќе потроши уште повеќе.
Најголемо кратење има кај капиталните инвестиции, а повеќе пари се предвидени за стоки и услуги и социјални трансфери.
Од Министерството за финансии наведуваат дека со ребалансот се обезбедуваат пари за повисоки пензии, за ранливите категории на граѓани, раст на платите во одделни дејности во јавниот сектор, пари за поддршка на фирмите, повеќе пари за земјоделците, како и за нови антикризни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и заштита на стопанството од шоковите од тековната ценовна криза.
Во текот на расправата за ребалансот опозицијата забележа дека Владата не се откажува од непродуктивни трошоци во услови на висока инфлација, највисок јавен долг и „експлозија на цени“ на основните прехранбени продукти.
Минатиот месец е измерена рекордна инфлација од 14,5 проценти споредено со истиот период минатата година, според податоците кои ги објави Државниот завод за статистика (ДЗС).
За толкав процент во јуни оваа година бил зголемен индексот на трошоците за живот во однос на истиот месец 2021 година, додека индексот на цените на мало бележи зголемување од 13,7 отсто.