Денешното отворање на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија е успех на двете земји и на нивните граѓани. Тоа е резултат на истрајноста, посветеноста на европските вредности, покажаната отпорност и задржаната верба во пристапниот процес, порача денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пред почетокот на заедничката меѓувладина конференција. Таа нагласи дека притоа двете земји го зацврстиле владеењето на правото, се бореле против корупцијата, имаат слободни медиуми, добро граѓанско општество, бројни реформи и ги модернизирале економиите. „Северна Македонија набрзо ќе преговара со нас за Фронтекс. Се работи за распоредувањето на Фронтекс во Северна Македонија и тоа ќе ја зацврсти нашата соработка во миграцијата и Димитар може да сметате на мојата поддршка за да се осигуриме дека договорот ќе биде преведен на македонски јазик, без фусноти, без ѕвездички на еднакво ниво со сите 24 европски јазици“, рече претседателката на ЕК.
Отворена првата Меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ
Таа нагласи дека со отворањето на пристапниот процес ќе се зголеми соработката онака како што двете земји ќе напредуваат со преговорите. „Ќе има зголемени инвестиции, ќе има подобрени трговски врски, поблиска соработка во клучни области, како што се енергетиката и транспортот. Ќе ја максимизирате употребата, но и ефектот од финансиите од ЕУ. Тоа значи нови работни места, нови бизнис можности и ова она што вашите граѓани го чекаа толку долго и за што работеа толку напорно, и ова е она што го заслужуваат“, рече Фон дер Лајен. која изутрината заедно со Петар Фиала премиерот на Чешка чија земја претседава со Унијата, имаше средба со премиерите на Македонија и на Албанија Димитар Ковачевски и Еди Рама.