Политика, пожари, пари...

ЕУ - Еврото достигна еднонеделен максимум благодарение на повлекувањето на доларот откако неколку претставници на Федералните резерви сигнализираа дека не го поддржуваат најавеното темпо на зголемување на каматните стапки.

РУСИЈА - Руски Газпром прогласи „виша сила“ во снабдувањето со гас во Европа на најмалку еден голем клиент, се наведува во писмото на компанијата, што дополнително ќе ги зголеми стравувањата на стариот континент од недостиг на гориво.

ТУРЦИЈА - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган повторно се закани дела ќе го блокира пристапот на Шведска и Финска во НАТО, ако Стокхолм и Хелсинки не ги исполнат барањата на Анкара.

ГРЦИЈА - За недостигот на информации и за потребата грчката страна однапред да била информирана за видот на товарот што го пренесувал украинскиот авион што се урна во близина на Кавала, Грција, освен до Србија, достави демарш и до Украина , јави дописничката на МИА од Атина.

СРБИЈА - Претседателот на Собранието на Србија и лидер на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ изјави дека конститутивната седница на новото свикување на Парламентот ќе се одржи кон средината или на крајот на следната недела и потсети дека рокот за одржување на конститутивната седница истекува на 4 август.

МАКЕДОНИЈА - Пратен допис до Државниот здравствен и санитарен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор во Kлиничката болница „Жан Митрев“, а Агенцијата за лекови Малмед веќе иницирала вонреден инспекциски надзор за да утврди дали е почитувана постапката за клинички испитувања за хемофилтрација, изјави министерот за здравство Беким Сали на попладневната прес конференција.

БУГАРИЈА - Претседателот на Бугарија Румен Радев на „БСП за Бугарија“ и го врачи третиот мандат за формирање влада во рамките на 47. Народно собрание, јави дописникот на МИА од Софија.

ФРАНЦИЈА - Низ Медитеранот, од Мароко на запад до Крит на исток, пожарите беснеат по топлотниот бран од минатиот вторник, влошен од силните ветрови и сушата. Во Франција, поради шумите пожари на југозападот на земјата досега се евакуирани повеќе од 16.000 луѓе, а пожарот се шири во Шпанија, Хрватска и Грција, пишува Би-Би-Си.

УКРАИНА - Шест лица загинаа во руското гранатирање на Торецк, град во источниот украински регион Донбас, соопшти денеска Украинската државна служба за вонредни состојби. „Една зграда е уништена од граната во Торецк, која била нападната пред пладне. Спасувачите извлекле пет тела“, се вели во соопштението на Службата објавено на Фејсбук со слика од урнатините. Како што се додава, од урнатините биле извлечени три лица, од кои едното починало во болница.

ЕУ - Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија е долгоочекуван историски момент.