Газпром прогласи „виша сила“ за некои испораки на гас во Европа

Руски Газпром прогласи „виша сила“ во снабдувањето со гас во Европа на најмалку еден голем клиент, се наведува во писмото на компанијата, што дополнително ќе ги зголеми стравувањата на стариот континент од недостиг на гориво.

Писмото во кое имаше увид Ројтерс, има за цел да го заштити Газпром од плаќање компензација за прекинатото снабдување, но истовремено ризикува ескалација на тензиите меѓу Русија и Западот поради инвазијата на Украина што Москва ја нарекува „специјална воена операција“.

Во писмото се наведува дека Газпром, кој има монопол на извозот на руски гас, не може да ги исполни своите обврски за снабдување поради „вонредни“ околности. Се вели дека клаузулата за „виша сила“ на која се повика Газпром дозволува раскинување на договорната обврска поради фактори надвор од негова контрола, која ретроактивно се применува од 14 јуни.

Извор на Ројтерс, кој побара да остане анонимен, рече дека писмото се однесува на гасоводот Северен тек 1, главната рута за снабдување со Германија и пошироко.

Засега нема коментар од Газпром.

Гасоводот „Северен тек 1“ е затворен поради годишно одржување, што треба да заврши на 21 јули, но некои од европските клиенти на „Газпром“ се нервозни, стравувајќи дека испораките нема да продолжат.

Една од нив, австриската нафтена и гасна група ОМВ, во понеделникот објави дека очекува да продолжи со испораката на гас од Русија преку гасоводот Северен тек 1 како што е планирано.

Дури и пред да започне ремонтот на „Северен тек“ на 11 јули, „Газпром“ на 14 јуни ги намали испораките преку гасоводот под Балтичкото Море до Германија, наведувајќи го како причина доцнењето на испраќањето на турбината што во Канада ја одржува добавувачот на опрема „Сименс енерџи“.

Декларацијата на Газпром за „виша сила“ стапи на сила на 14 јуни, ослободувајќи го од каков било надоместок за неисполнување на обврските од тогаш.

Европската Унија, која воведе санкции кон Москва, се обидува да ја прекине употребата на руски фосилни горива до 2027 година, но сака снабдувањето да продолжи засега додека развива алтернативни извори. Испораките на руски гас се прекинати преку главните рути, вклучувајќи ги Украина, Белорусија и Северен тек 1 под Балтичкото Море.