Грчки демарш за Украина за авионот кој се урна кај Кавала

илустрација

За недостигот на информации и за потребата грчката страна однапред да била информирана за видот на товарот што го пренесувал украинскиот авион што се урна во близина на Кавала, Грција, освен до Србија, достави демарш и до Украина , јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчки дипломатски извори, по наредба на министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, генералниот секретар во грчкото МНР Темистоклис Демирис доставил демарш до украинскиот амбасадор во Атина „во врска со потребата грчката страна претходно да била информирана за видот на товарот во украинскиот авион што се урна во близина на Кавала во сабота вечер“.

Од истите причини, утрово беше најавено дека по наредба на Дендиас, амбасадорот на Грција во Белград ќе достави демарш.

Украинскиот карго авионот Антонов-12, што пренесуваше 11,5 тони муниција од Србија наменета за Бангладеш,се урна во саботата еден час пред полноќ западно од грчкиот град Кавала, а загинаа сите осум членови на екипажот, државјани на Украина.