Пратен допис до Државниот здравствен и санитарен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор во Kлиничката болница „Жан Митрев“, а Агенцијата за лекови Малмед веќе иницирала вонреден инспекциски надзор за да утврди дали е почитувана постапката за клинички испитувања за хемофилтрација, изјави министерот за здравство Беким Сали на попладневната прес конференција.
Неговата реакција следува откако Основното јавно обвинителство отвори предмет по допрен глас против клиничката болница „Жан Митрев“, по емитувањето на документарната емисија на ИРЛ во која беше објавено дека во болницата вршеле клиничка студија со методот на хемофилтрација без да пријават.
„Првичните сознанија укажуваат дека не е испочитувана постапката, но да оставиме да се утврди фактичката состојба во Клиничката болница „Жан Митрев“ и овој наод ќе го имаме уште во текот на утрешниот ден кога истекува рокот за да се изјасни болницата,“ изјави Сали.
Министерот не одговори на новинарските прашања, а повеќе детали најави на прес конференција во среда.
Целта на извештајот, како што рече, ќе биде да ја констатира фактичката состојба и да ги адресира сите сознанија до кои ќе се дојде.
„Од Извештајот очекувам неколку елементи како краен резултат. Јасно утврдување на системски недоследности за кои одговорно тврдам дека сите кои се во моја надлежност како министер ќе ги исправам во најкус можен рок. Извештајот ќе има за цел да ја констатира состојбата и јас лично ќе го доставам до надлежните институции за понатамошно постапување. МЗ и јас како министер моравме да ги добиеме сите информации за да ја имаме севкупната слика за на јавноста да и доставиме само издржани и релевантни информации. И уште поважно, семејствата на пациентите заслужуваат да имаат транспарентна севкупна информација“, рече Сали.
Сали ја поздрави и постапката на Основното јавно обвинителство за отворање на предмет за овој случај додавајќи дека во Република Северна Македонија нема недопирливи, а одговорност доколку се утврди ќе има.