Обвинителството оформи предмет против клиниката „Жан Митрев“, МЗ да достави информација по објавената сторија на ИРЛ

илустрација

Јавното обвинителство оформило предмет по допрен глас по документарната емисија „Нечиста крв“ објавена на ИРЛ, во која медиумот објавува дека клиниката „Жан Митрев“ вршела клиничка студија со методот на хемофилтрација без истиот да биде пријавен и одобрен од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД.

„Веднаш по објавата на наведената документарна емисија, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет врз основа на инструментот на допрен глас, предвиден во Законот за кривична постапка. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител кој ќе преземе дејствија за проверка на наводите од кои произлегуваат индиции за кривични дела против здравјето на луѓето“, велат од ЈО во изјава за 360 Степени.

И Владата на денешната 61-ва седница, го задолжи Министерството за здравство да ги разгледа детално информациите поврзани со објавената сторија на „Истражувачка репортерска лабораторија“, емитувана на програмата на Националната радио телевизија на 17 јули 2022 година, а во врска со Клиничката болница „Жан Митрев“, Скопје.

Заради големиот број реакции во јавноста, Министерството за здравство е задолжено да подготви и во рок од два дена до Владата да достави информација во врска со овој случај.

Конкретниот документарец на ИРЛ е направен врз трогателни сведоштва на граѓани од Македонија, а се обработуваат и смртни случаи, кои имале по неколку бактериски инфекции во клиниката „Жан Митрев“.

Од клиниката „Жан Митрев“ реагираат дека станува збор за невистинити квалификации кои се насочени кон намерно нарушување на честа и угледот на болницата, а истите се и вознемирувачки и за пациентите. Тие велат дека се згрозени од тенденциозниот говор на омраза употребен кон нив, како и од неточните наводи, односно фабрикуваните информации кои единствено се насочени кон креирање на лажна слика во пошироката јавност на работата на болницата.