Дијана Томиќ Радевска, македонската мултимедијална уметничка и дизајнерка, низата од триесеттина самостојни изложби во земјава и во странство ја збогати со актуелната поставка „Случајни средби“, што од 15 до 28 јули се одржува во Ликовната галерија во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Сафет Ахмети, раководител на Центарот за визуелни студии – Скопје, својот текст за ова претставување го започнува со констатацијата дека „нештата не се исти кога сме на своја, домашна територија и кога сме во посета, во минување, на туѓа, територија која не е наша“. Поточно, нештата се безмалку исти или барем многу слични, но кога не нѐ засегаат директно полесно и поинаку ги забележуваме и восприемаме. Некој таквите состојби ги меморира умствено, некој ги зачувува на физички медиум, најчесто низ фотографии или видео записи или пак со молив на хартија, во миговно настанат кроки цртеж или скица. Дијана Томиќ-Радевска спаѓа во втората група, пишува Ахмети.
И, кога ова е веќе познато, нималку не чуди кога уметничката ќе забележи дека „ако патувањата се богатство на неоткриени светови, тогаш за неа тоа се нови енергии низ авантурите на безначајни средби и непознати јазици. Ако е тоа еден нов амбиент, за неа станува еден нов свет. Особено, како што вели, секојдневниот кадар, човекот и неговата осаменост или пак осаменикот во толпата“.
Фотографирам и исцртувам кроки цртежи и скици на нови лица, фигури во од, сцени од случајни но и ,,намерни” средби, а ги колекционирам веќе неколку години. Низ овие фази на забележувањето на ,,средбите“ започнува истражувањето на социолошкиот и антрополошки момент, барајќи ја сопствената логика на одбраниот миг на забелешка.
Во разработката на скица-цртежите, создавам нови цртежи и графики, а низ нови медиуми (дигитални отпечатоци, преработени фотографии) експериментирам со техниките на графички печат. Дигитално обработувајќи ја оригиналната фотографијата ја трансформирам во графички лист низ комбинација на висок печат и дигитален печат и комбинација на висок печат со сито печат.
Сцените од меморијата од улицата низ кроки цртежи ја дополнуваат приказната на краткиот циклус на размислување, занемарувајќи го местото на сцената или пак видливо ја асоцирам локацијата во друга композиција, вели Дијана Томиќ Радевска.
Македонската уметница и кураторка Дијана Томиќ Радевска фото: Роберт Јанкулоски
И, по ваквата творечка експликација за работниот процес да и се вратиме на анализата на Сафет Ахмети. Во неа тој и со прашањето: Кои се ликовите што дефилираат во оваа серија на дела? И, потем со образложение дека тоа се „непознати, случајни личности кои од некоја причина го привлекле вниманието на авторката“.
Творештвото на Дијана Томиќ-Радевска најчесто е исполнето со конкретни, добро познати лица од нејзиното потесно семејно окружување. Дури и кога тие лица се далечни, понекогаш и непознати, сепак се дел од семејното стебло. Дали туѓите лица се само оддишка од семејните врски – најчесто многу силни – или, напросто, го отсликуваат социјалниот свет на авторката? Оној друг свет што излегува вон прегратката на семејната сигурност и што води кон замаглени лица и состојби, социјални, но и технички? Друга реалност. Поинаква интимност, пишува тој.
На ова уметничката со појаснување дека „го создава својот избор на интерес надвор од традиционалните социо симболични системи“.
Тоа се ликови од моите колекции на скици, цртежи и фотографии од некои мои патувања, како посвета на обичниот човек, оној од улицата, оној надвор од специфично потекло и корен. А, сите тие имаат некоја слична судбина, се поклопуваат можеби нивните можни идентитети. Субјектите се поврзани низ сопствената личност и општеството, нивната култура и амбиентот, независното потеклото, но тие се прилагодени во културата на новиот опстанок, во процесот на прилагодувањето, ќе рече Томиќ Радевска.
Конечно, кон ова Ахмети со констатација дека „случајните средби, поточно состојбите на кои случајно налетувала и посакала да ги овековечи Дијана Томиќ-Радевска иако делуваат токму така: случајно, во себе го содржат скриеното чувство за припадност на слична, блиска, недефинирана групација на луѓе, распространети насекаде низ светот. Недефинираното, но јасно изразено чувство е видливо и во описите кои ги дава авторката, како и во групирањето на графичките листови и цртежи:
Играчи со оган-баскери – Нивната радост во изведувањето, перформансот како стил на живот, безгрижноста во номадскиот стил на живот и прашањето на припадност или не-припадност. Прашањето за релативноста на задоволството, на несигурноста и моќта на слободата.
Чуварите на благото – Оние невидливи кустоси во музеите кои расправаат за уметноста живеејќи со најголемите дела на уметноста. Карактеристичните ликови кои ме испровоцирале низ карактеристична композиција, физикус, посветеност во разговорот и нивната искреност во почитувањето на уметностите.
Вистински Французин – Одредени портрети поврзани со доживеана комуникација. Потеклото и припадноста, дали е тоа суштествено во односот човек-човек. Антрополошки препознатливи карактеристики кои се менуваат испреплетувајќи ги датотеките на сопствените корени.
На улиците – Сцени од улиците, минувачи, моја слободна фантазија за припадноста и убавината на движечката енергија. Оние кои се бунтовници по став, оние кои се страдалници и кои се на улиците не по своја воља.
Под земја – Сцени од метро станици и оние кои голем дел од денот (животот) го поминуваат под земја, патувајќи, чекајќи. И тука се случува испреплетување на јазици, култури, знајни и незнајни и за на крајот, истите тие туѓинци делат слични судбини.
Нови генерации – Фигури и ликови кои се фотографирани во галериски простори како загрижени посматрачи, но во мојата композиција тие стануваат дел од уметничкото дело или инсталација. Фигури во ,,стуткана” форма како најудобна за одмор, но и понизност пред богатството.
Родена 1961 година во Скопје, Дијана Томиќ Радевска е мултимедијална уметница и дизајнерка. Работи на графика, цртеж, сликарство, арт инсталација, арт видео и дизајнер.
Посветена е на графиката и низ класични техники, дава друга перспектива на уметноста на графиката, експериментирајќи со различни техники во монотипијата и објект-графика.
Дипломирала во 1984 година на одделот графика и графички дизајн на ФЛУ во Скопје, а член е на ДЛУМ од 1985година. Реализирала бројни групни и самостојни изложби и студиски престои во земјава и во странство. Работи и има статус на самостоен уметник.