Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија е долгоочекуван историски момент. „Го деблокиравме почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Ова е историски момент, по толку години чекање со кандидатски статус и ништо не се случи, конечното гласање во Собранието на Северна Македонија ја отвори вратата“, рече Борел пред министерскиот состанок за надворешни работи во Брисел, објави Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). Тој потсети дека на меѓувладината конференција што ќе се одржи утре во Брисел и формално ќе започне долгоочекуваниот процес на преговори со тие две земји.
Францускиот предлог помина во Собранието и во Владата
„Ова се добри вести. Немаме многу добри вести, ова е добро. Се надевам дека ова ќе го зголеми нашиот ангажман на Балканот“, додаде Борел пред состанокот на кој Украина ќе биде главна тема. Во врска со тоа Борел оцени дека прашањето за извозот на жито од Украина е прашање на „живот или смрт“. „Животите на десетици илјади луѓе зависат од тој договор, за кој преговараат Русија, Украина, Турција и Обединетите нации“, рече Борел. Договорот треба да обезбеди транспорт преку Црното Море на околу 20 милиони тони жито блокирано во украинските силоси поради руската агресија врз таа земја. Исто така, треба да го олесни извозот на погодените руски жита и ѓубрива. Русија најави дека финалниот документ ќе биде договорен на состанокот оваа недела во Турција. Европската унија има намера да го продолжи притисокот врз Москва со нови санкции, најави Борел. „Некои европски лидери рекоа дека санкциите се грешка. Мислам дека тоа не е грешка, тоа мора да го направиме и ќе продолжиме да го правиме“, рече Борел како одговор на изјавата на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Во Истанбул се бара начин како да се извезе украинското жито
Во петокот Орбан ги осуди санкциите, велејќи дека тие биле грешка, бидејќи не ја постигнале целта и всушност имале спротивен ефект. Во петокот Европската комисија претстави нови мерки, вклучително и ембарго за купување злато од Русија. Министрите треба да се изјаснат и за деблокирање на петтата транша од 500 милиони евра, за финансирање на воена опрема и оружје за Украина.