Руската новинарка Марина Овсијаникова помина неколку часа во притвор

Марина Овсијаникова со плакат „Запрете ја војната. Не верувајте во пропагандата. Овде ве лажат“.

Руската новинарка Марина Овсијаникова, која стана позната по упадот во директниот телевизиски пренос на Дневник со натпис во кој ја критикува руската офанзива во Украина, денеска изјави дека е ослободена откако неколку часови поминала во притвор. „Дома сум, се е во ред. Од сега па натаму знам дека е подобро да ја напуштам куќата со мојот пасош и чанта“, напиша таа синоќа на Фејсбук. Нејзиниот адвокат, Дмитриј Захватов, рече дека Овсијаникова е приведена затоа што била осомничена за „дискредитирање“ на војската во судот во Москва каде што била минатата недела за да го поддржи опозицискиот лидер Илја Јашин кој е осуден на затвор за критика на руската офанзива во Украина. Тоа кривично дело е воведено по почетокот на руската воена интервенција во Украина и предвидува долга затворска казна. Засега надлежните не најавија дека покренуваат кривична истрага против новинарката.

Уредничката што ги прекина руските вести е обвинета за „дискредитирање“ на армијата

Притворот уследи откако Овјсаникова демонстрираше пред Кремљ со плакат со критики за воената интервенција во Украина и претседателот Владимир Путин. Таа стана светски позната кон средината на март кога упадна во дневникот на телевизијата каде што работеше со натпис со кој ја критикува офанзивата во Украина и „пропагандата“ на медиумите под контрола на владата. Потоа била накратко уапсена и ослободена и парично казнета. Видеото од нејзиниот упад го обиколи светот и многумина ја поздравија нејзината храброст во време кога во Русија се задушуваат сите критички гласови. По неколкумесечна работа во странство, за германскиот весник Die Welt, новинарката на почетокот на јули објави дека се вратила во Русија за да го реши спорот поврзан со старателството над нејзините две деца.