Мицкоски најави собирање потписи за референдум за уставните измени

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека ќе предложи до Извршниот комитет на партијата да се разгледа можноста за барање за референдум за уставните измени со кои Бугарите треба да бидат внесени во Уставот. Според него, граѓаните треба да го кажат своето мислење, но дека првиот чекор ќе биде собирање на 150.000 потписи. „Треба да излезат на референдум и да кажат дали се ‘за’ или не се ‘за’ овие измени коишто Владата ги потпиша после овој дипломатски нокаут и капитулација. Но, да излеземе најпрво како партија со став, па тогаш јавноста ќе има повеќе детали. Но, тоа е следната иницијатива којашто планирам да му ја предложам на Извршниот комитет, веднаш по враќањето и повторното функционирање на Собранието. По летните одмори да отпочнеме иницијатива за собирање на 150.000 потписи и да направиме референдумско изјаснување на граѓаните“, изјави Мицкоски за телевизија Сител.

Османи - Протоколот е базиран на реципроцитет

Запрашан дали доколку граѓаните се изјаснат против уставните измени Северна Македонија би можела да се врати назад во процесот, Мицкоски вели дека референдумот би бил задолжителен за политичарите. „За Македонија и за македонскиот идентитет не е завршена работата. Не е усвоена преговарачката рамка, а на референдум ако народот каже ‘нема менување на Уставот’, тоа е тоа. На Европа во Брисел ќе им кажеме: ‘Луѓе, народот така одлучи, ве молам, дајте ни друга преговарачка рамка’“, изјави лидерот на ВМРО ДПМНЕ.