Повредни 5 косовски полицајци во акција против шверц на стока

Илустрација

Петмина припадници на косовската полиција се повредени при акција во која биле запрени камиони поради сомнение дека шверцуваат стока, соопшти полицијата.

На повредените полицајци им е укажана лекарска помош, а оштетено е и едно полициско возило. Како што се наведува во соопштението, во вечерните часови на 16 јули, припадници на косовската полиција во селото Јашаница, општина Лепосавиќ на север, се обиделе да спречат камион, осомничен дека превезувал шверцувана стока. Се додава дека две полициски возила потоа делумно го блокирале главниот пат Митровица-Јариње.

„Косовската полиција прво запрела црн автомобил со непознати регистарски таблички, а возачот наводно телефонски разговарал со камионџијата. Камионот со голема брзина се упатил кон автомобилите и полицајците, со цел да ги удри, но удрил во службеното полициско возило.И покрај сите сигнали да застане, (камионџијата) не ја почитувал законската наредба на полициските службеници и продолжил да вози“, се вели во соопштението на косовската полиција.

Полицијата потоа продолжила да го следи камионот кој продолжил да се движи со голема брзина.

„Возачот на камионот по втор пат удрил во полицискиот автомобил при што биле повредени полицајците и причинета значителна материјална штета“, се вели во соопштението.

Полицијата на крајот успеала да го запре камионот и го привела возачот за сторени кривични дела „пречекорување на дозволената брзина“, „криумчарење стока“ и „напад на службени лица“.