Српските власти од денеска воведоа посебен режим на контрола за сите хрватски функционери, откако таа земја ја забрани приватната посета на српскиот претседател Александар Вучиќ на места на усташки злосторства од Втората светска војна.
„Од денеска сите функционери на хрватската држава, сите носители на службени или дипломатски пасоши ќе мора посебно да ја објават и оправдаат својата посета или минување низ Србија и ќе бидат ставени под посебен контролен режим“, најави во денесла српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин.
Шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман објасни дека хрватските власти преку неофицијални канали дознале дека претседателот Вучиќ има намера да ги посети Јасеновац и Пакрац и дека потоа ѝ ја предале нотата на Србија.
„Потсетуваме дека секоја посета на странски претставници, времето, поводот и планот на посетата треба да бидат дел од договорот меѓу двете страни. Хрватска не е информирана, тоа е неприфатливо за Хрватска и сметаме дека е лошо, намерно. Мислиме дека ова не е искрено, дека не покажува почит“, рече Грлиќ Радман.
Шефот на хрватската дипломатија оцени дека „не може да се каже дека приватна посета е посета на Јасеновац, Пакрац и којзнае каде на друго место“.
Истовремено, министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ изјави дека намерата на претседателот Вучиќ била да положи цвеќе и да запали свеќа.
Министерството за надворешни работи ја извести Хрватска дека Вучиќ е заинтересиран за официјална посета на Јасеновац во секое време до 17 септември 2022 година, рече Селаковиќ на прес-конференција во Белград.
Министерството за надворешни работи на Србија упати протестна нота во која напиша дека е „шокирано што на претседателот на Србија му е забрането да доаѓа во Јасеновац, местото на страдање на стотици невини жртви на српски, еврејски, ромски и други националности“.
Во нотата се наведува дека тоа е „незаконска и антиевропска и антицивилизациска одлука на Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска и грубо кршење на принципот на слобода на движење“.
Српските власти се обидоа да ја достават оваа протестна нота до хрватската амбасада во Белград, која претставникот на таа амбасада одби да ја прими, изјави министерот за надворешни работи на Србија.