Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски денеска по потпишување на протоколот меѓу С.Македонија и Бугарија реагираше дека паднале маските и се потврдиле лагите дека билатералните спорови со источниот сосед нема да се услов за напредок кон ЕУ.
„Денес се потпиша Протоколот со кој што Македонија нема да преговара со ЕУ за својот напредок туку ќе преговара со Бугарија за својата историја. Денес во Софија е потпишан Протокол кој ќе биде дел од Преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија. Со Протоколот на кој што стои потписот на македонското МНР, промената на историјата и промената на учебниците по бугарски терк стануваат услов за напредок на Македонија кон ЕУ“, соопшти Николоски.
Според опозициската партија, јасно било кажано во Софија дека Протоколот станува дел од преговарачката рамка и дека соодветно неисполнувањето на задачите во тој Протокол Македонија ќе напредува или нема да напредува кон ЕУ, односно ќе се отвораат или ќе се затвораат поглавја.
„Наједноставно кажано доколку Македонија прифаќа бугаризација ќе напредува кон ЕУ, доколку не прифаќа бугаризација што е став на огромното мнозинство од македонски народ нема да напредува кон ЕУ. Лагите паднаа, маските паднаа“, вели Николоски.
За партијата вистински скандал е тоа што се уште не е објавен протоколот.
„Од она што можеме да го дознаеме во овој и штетен Протокол кој влегува во преговарачката рамка на Македонија со ЕУ стои меѓудругото дека до 2023 година треба да се затворат прашањата за заедничко чествувања на празници и личности, а до 2025 година мора да се направи промена по учебниците по историја во Република Македонија, онака како што ќе побара Бугарија. Ако било кој дел од овој Протокол со кој се загрозуваат македонскиот идентитет, јазик, култура и историја не е по теркот на Бугарија и бугарската влада како и бугарската пропаганда ќе има ВЕТО за Македонија во преговарачкиот процес со ЕУ“, додава тој во соопштението.
Министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска по потпишувањето на билатералниот протокол во Софија со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи за бугарските медиуми изјави дека нема промена во францускиот предлог. Според Генчовска, во протоколот има конкретни рокови и тој е дел Рамката за преговори на Северна Македонија со ЕУ.
Собранието вчера со 68 гласа „За“ ги усвои заклучоците за таканаречниот француски предлог со кој треба да се откочат македонските евроинтеграции. Потоа на владина седница беше донесена одлука за прифаќање на францускиот предлог.
Првата меѓувладина политичка конференција е првата фаза од почетокот на пристапните преговори со ЕУ кои по кластери ќе почнат откако ќе се промени Уставот со внесување на бугарското малцинство во Преамбулата.