Министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска по потпишувањето на билатералниот протокол во Софија со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи за бугарските медиуми изјави дека нема промена во францускиот предлог, кој вчера беше прифатен од Собранието и Владата и со кој се откочија евроинтеграциите на земјата. Според Генчовска, во протоколот има конкретни рокови и тој е дел Рамката за преговори на Северна Македонија со ЕУ.
„Има механизам да се контролира неговата имплементација. Тоа не е само билатерален протокол“, рече Генчовска на брифинг со новинарите на прашањето дали постои опасност денешниот протокол да ја следи судбината на првиот од 2019 година и тој да не се спроведе.
Генчовска рече дека отсега зависи само од Северна Македонија кога земјата ќе влезе во ЕУ и колку долго ќе трае преговарачкиот процес. Според неа, следните чекори треба да доведат до вклучување на Бугарите во македонскиот Уставн но и не само во него, туку во целото законодавство. Генчовска посочи дека Бугарија не отстапува од ставот за јазикот со оглед дека документите од преговорите со ЕУ ќе бидат преведени на македонски јазик.
„Бугарија не отстапува во однос на ставот за официјалниот јазик на РСМ. Целосно ја почитуваме одлуката на Народното собрание, според која Бугарија не го признава овој јазик. Во контекст на преостанатите 26 членки, сепак, ова е поконкретно - тие имаат свои позиции и ние никако не можеме да ги обврземе да го прифатат нашиот став, но бугарската позиција е загарантирана во целата преговарачка рамка“, рече Генчовска.
Османи по потпишувањето на Протоколот изјави дека имале конструктивни и суштински разговори за работата на петте групи и, според него, во протоколот може да се види дека доста е сработено и сите кои биле вклучени максимално се вложиле да има проекти, меморануми и документи со кои односите на двете држави отвораат ново поглавје со цел соработката да биде поблиска и заснована на доверба.
Заедничката меѓувладина комисија е дел од обврските кои произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете држави во 2017 година.
Собранието вчера со 68 гласа „За“ ги усвои заклучоците за таканаречниот француски предлог со кој треба да се откочат македонските евроинтеграции. Потоа на владина седница беше донесена одлука за прифаќање на францускиот предлог.
Првата меѓувладина политичка конференција е првата фаза од почетокот на пристапните преговори со ЕУ кои по кластери ќе почнат откако ќе се промени Уставот со внесување на бугарското малцинство во Преамбулата.