Маричиќ: Oтворивме европско поглавје во односите со Бугарија

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ по потпишување на протоколот со Бугарија изјави дека денес отвориле европско поглавје во односите со источниот сосед.

„За стратешките и важни прашања нема друга алтернатива освен компромисни решенија кои ја враќаат довербата и градат партнерства и сојузништва“, рече Маричиќ.

Тој смета дека со потпишувањето на Протоколот, Договорот за пријателство и добрососедство веќе добива нов дух.

„Секторските групи продолжуваат да работат и во следниот период ќе се фокусираат на заедничко делување во менаџирањето и надминувањето на кризите со кои се соочуваме. Имаме здрава и цврста основа да го продолжиме дијалогот во позитивна атмосфера, достоинствено чекорејќи кон ЕУ“, истакнал Маричиќ на состанокот.

Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи и неговата колешка Теодора Генчовска денеска во Софија го потпишаа билатералниот протокол меѓу Северна Македонија и Бугарија. Протоколот беше потпишан по состанокот на меѓувладината комисија на двете земји.

Со потпишување на протоколот се отвори патот за одржување на првата меѓувладина политичка конференција на С.Македонија и ЕУ. Заедничката меѓувладина комисија е дел од обврските кои произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете држави во 2017 година.