Српскиот министер за одбрана Небојша Стефановиќ изјави денеска дека товарниот авион Антонов кој се урна доцна вчера во северна Грција, превезувал 11,5 тони српско оружје во Бангладеш. Сите осум членови на екипажот на авионот Антонов Ан-12 со кој управуваше украинска авиокомпанија загинаа во несреќата во близина на градот Кавала.
Стефановиќ потврди дека сопственикот на авионот е украинска компанија, а оружјето го испраќал приватниот српски производител на оружје „Валир“. Тој рече дека авионот носел минофрлачки бомби и мини.
Стефановиќ додаде дека авионот полетал од Ниш синоќа околу 20:40 часот и превезувал муниција за Министерството за одбрана на Бангладеш, биле планирани технички слетувања во Аман, Ријад и Ахмедабад, а требало да слета во Дака.
„Овој авион ги имаше сите соодветни дозволи, се во согласност со меѓународните прописи“, рече Стефановиќ.
Локалните жители, како што јавија грчки медиуми, пријавиле дека виделе оган и слушале експлозии два часа по несреќата.