Премиерот Димитар Ковачевски по денешната седница на Владата инофрмираше дека биле усвоени заклучоците од Собранието и дека се донела одлука за одобрување на предлогот на француското претседателство од 30 јуни со кој треба да се откочат македонските интеграции.
„Со оваа одлука го започнуваме процесот на пристапни преговори на С. Македонија со ЕУ. Со оваа владина седница заокружуваме уште еден објективно историски чекор за нашата земја“, рече Ковачевски.
Тој порача дека благодарение на тоа сега државата има преговарачка рамка во која се заштитени македонскиот јазик и идентитет, а историските прашања се надвор од истата. Ковачевски додаде дека првата меѓувладина конференција на С.Македонија и ЕУ ќе се одржи на 19 јули во Брисел.
Ковачевски посочин и дека е горд оти во Собранието немало ниту еден глас против за заклучоците на францускиот предлог. Според него, владината коалиција е цврста и ќе опстои до редовните избори 2024 година. За однесување на ВМРО-ДПМНЕ, тој рече дека се надевал оти опозициската партија ќе се реформира, но, тоа не се случило. За тоа дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ потпишале нотарски изјави дека нема да поддржат промена на Уставот, Ковачевски рече дека според Устав пратениците се независни во своето одлучување во Собранието.
„Тие таму не претставуваат политичка партија или пак претседател на политичка партија кој што им бара нотарски изјави и мафта со нив по прес-конференции. Тие таму ги претставуваат граѓаните кои што ги избрале. Во однос на уставните измени ВМРО-ДПМНЕ треба да објасни што има против внесувањето во Уставот на граѓаните на РСМ кои што јасно се самоопределиле како Црногорци, како Хрвати, како Бугари“, рече тој.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција информираше дека вкупно 44 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на нотар завериле изјави дека нема да прифатат промена на Устав.
Со 68 гласа „За“ пратениците во Собранието денеска ги усвоија заклучоците за таканаречниот француски предлог. Немаше против и воздржани пратеници. Пратениците на опозицската ВМРО-ДПМНЕ по завршувањето на дебатата и пред гласањето ја напуштија собраниската сала. Три дена пратениците расправаа за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ предложена од Франција.