Ковачевски: Вака се сака државата, со мудри и државнички одлуки

Премиерот Димитар Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски упати честитки до пратениците кои денеска во Собранието ги изгласаа заклучоците за францускиот предлог.

„Честитки и огромна благодарност до пратениците кои денеска покажаа демократски капацитет, ги поддржаа заклучоците за европскиот предлог и гласаа за европска иднина на државата. Нема поголем патриотизам од поддршката за просперитет на земјата и од одлуки кои се од највисок интерес за државата и граѓаните. Конечно македонскиот јазик ќе ечи секаде низ Европа. Вака се сака државата, со мудри и државнички одлуки“, порача Ковачевски на Фејсбук.

Со 68 гласа „За“ пратениците во Собранието денеска ги усвоија заклучоците за таканаречниот француски предлог со кој треба да се откочат македонските евроинтеграции. Немаше против и воздржани пратеници. Усвојувањето на предлогот беше дочекан со аплауз од пратениците од владејачкото мнозинство.

Пратениците на опозицската ВМРО-ДПМНЕ по завршувањето на дебатата и пред гласањето ја напуштија собраниската сала. Три дена пратениците расправаа за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ предложена од Франција.