Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција информираше дека вкупно 44 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на нотар завериле изјави дека нема да прифатат промена на Устав.
„Нема отстапување ниту милиметар од ова, нема чекор назад бидејќи зад нас е сè што имаме, нашето достоинство, чест, и нашата Македонија“, порача Мицкоски.
Мицкоски додаде дека избори мора да има, а ВМРО-ДПМНЕ гарантира дека внесувањето на Бугарите во Уставот нема да се случи.
Идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, според Мицкоски ќе има тешка задача да го исправи тоа што актуелната власт го погрешиле и како што вели „да го врати украденото, а тие да одговараат за тоа што го сторија“.
Со 68 гласа „За“ пратениците во Собранието денеска ги усвоија заклучоците за таканаречниот француски предлог со кој треба да се откочат македонските евроинтеграции. Немаше против и воздржани пратеници. Усвојувањето на предлогот беше дочекан со аплауз од пратениците од владејачкото мнозинство.
Пратениците на опозицската ВМРО-ДПМНЕ по завршувањето на дебатата и пред гласањето ја напуштија собраниската сала. Три дена пратениците расправаа за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ предложена од Франција.