Со 68 гласа „За“ пратениците во Собранието денеска ги усвоија заклучоците за таканаречниот француски предлог со кој треба да се откочат македонските евроинтеграции. Немаше против и воздржани пратеници. Усвојувањето на предлогот беше дочекан со аплауз од пратениците од владејачкото мнозинство.
Пратениците на опозицската ВМРО-ДПМНЕ по завршувањето на дебатата и пред гласањето ја напуштија собраниската сала.
Три дена пратениците расправаа за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ предложена од Франција. Дебатата во Собранието постојано се одвиваше во тензична атмосфера како што започна, со користење на вувузели и свирежи од пратениците на ВМРО ДПМНЕ додека се обраќаа пратениците на СДСМ. На моменти имаше жестоки вербални дуели, а синоќа беше и избегнат инцидент.
Во меѓувреме група од околу стотина граѓани протестираа пред законодавниот дом против францускиот предлог со транспаренти и извици на негодувања. Притоа демонстрантите фрлаат и тоалетна хартија кон зградата на Собранието.
Заклучоците сега од Собранието се испраќаат до Владата, која треба да ги усвои, а потоа и да ги спроведе во пристапните преговори со ЕУ. Информацијата за содржината на Нацрт-преговарачката рамка за пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија беше предложена од француското претседателство на Советот на Европската Унија на 30 јуни. Таканаречениот француски предлог за укинување на бугарското вето и почеток на пристапните преговори, зад кои застана целата ЕУ, во Македонија наиде на отпор од македонската опозиција, дел од граѓаните, академската јавност и невладините организации.
Почетокот на преговорите на ЕУ со Македонија е блокиран со бугарското вето од ноември 2020 година поради спор околу јазикот и историјата, а Брисел го врза напредокот на Тирана на патот кон ЕУ со напредокот на Македонија. Една година претходно, европскиот пат на двете земји беше блокиран од Франција, инсистирајќи на промена на методологијата за преговори.