Комисијата за заразни препорача двојно да се зголемат капацитетите за ковид тестирања на државно

Министерот за здравство Беким Сали и дел од членовите на Комисија за заштита од заразни болести

Комисијата за заштита од заразни болести препорача двојно да се зголемат капацитетите на државните институции за да можат граѓаните да се тестираат на државна сметка.

Достапноста на ковид тестовите била една од темите на денешниот состанок на Комисијата, откако повторно се јави проблем со термините за тестирање на државна сметка, поради што граѓаните беа приморани да плаќаат повисоки цени во приватните лаборатории.

Од Комисијата велат дека Македонија засега е во зелената ковид зона и не се препорачуваат дополнителни рестриктивни мерки.

„Согласно методологијата за одредување на ризикот од Ковид-19 се зема предвид и процентот на хоспитализирани случаи, процентот на слободни болнички кревети, како и бројот на тешко болни и смртни случаи од Ковид-19, утврдено е дека РСМ се наоѓа во зелена зона со доволни капацитети за згрижување на пациентите со Ковид-19, Инаку, зголемувањето на бројот на нови случаи изнесува 79.9 отсто“, велат од Комисијата за заштита од заразни болести.

Од комисијата сепак апелираат до граѓаните да внимаваат на сопственото здравје, да избегнуваат посети во затворени и невентилирани простории, освен кога тоа е неодложно и во тие случаи се препорачува носење заштитна маска и одржување дистанца.