Бајден во посета на Саудиска Арабија

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден по престојот и разговорите во Израел, денеска во Саудиска Арабија ќе се сретне не само со саудиските власти, туку и со лидерите на другите земји од Заливот. Притоа, како што е најавено, ќе биде истакната заедничката загриженост за развојот на иранската нуклеарна програма и воените активности на Техеран низ целиот регион. Претходно, во Ерусалим Бајден разговараше со премиерот на преодната влада на Израел Јаир Лапид при што изјави дека работи на промовирање на растечките врски на Израел со арапските партнери во средниот Исток.

САД и Израел нема да дозволат Иран да се здобие со нуклеарно оружје

„Разговарав за тоа колку е важно од моја перспектива Израел да биде целосно интегриран во регионот“, рече Бајден на вториот ден од неговата блискоисточна турнеја. За време на мандатот на претходникот на Бајден, Доналд Трамп, Израел постигна дипломатски договори со четири арапски земји. Бајден се надева дека ќе ги надогради тие врски за време на посетата на Саудиска Арабија. Лапид го нарече патувањето на Бајден во Саудиска Арабија „исклучително значајно за Израел“.