Спојувања и раздвојувања

АЛБАНИЈА / МАКЕДОНИЈА / ЕУ - Премиерот на Албанија, Еди Рама предупреди дека доколку не се отворат преговорите за Албанија, следниот ден ќе се бара „одвојување од македонско-бугарското прашање“.

ГРЦИЈА - Во Грција заклучно со денеска се потврдени вкупно 13 случаи на мајмунски сипаници, два повеќе од минатата седмица, согласно неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје.

САД / ИЗРАЕЛ - Американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Јаир Лапид заеднички ветија дека ќе го спречат Иран да добие нуклеарно оружје, иако двајцата сојузници остануваат поделени околу конкретните начини за решавање на проблемите на Техеран.

МАКЕДОНИЈА - Дилемата на ВМРО-ДПМНЕ е дали за да почнат преговорите со ЕУ потребна е промена на Уставот, рече во својата денешна изјава претседателот на партијата, Христијан Мицкоски повикувајќи се на член од документот „Заеднички став на ЕУ“. Против францускиот предлог и денеска се протестираше за време на собраниската расправа за него и за време на обраќањето на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, пред македонските пратеници.

ЕУ / РУСИЈА - ЕУ се подготвува да објави нова рунда санкции против Русија во следната недела, со кои се очекува да се забрани увозот на руско злато и да се „затворат постојните дупки“ во режимот на казнени мерки , наведува Еуроактив.

РУСИЈА - Руското Министерство за надворешни работи денеска ги нападна Соединетите држави и Британија за помагање во обуката на вооружените сили на Украина, нарекувајќи го дел од „хибридната војна“ што ја водат земјите на НАТО против Русија. На брифингот за медиумите, портпаролката Марија Захарова изјави дека Вашингтон и дал на Украина инструктори кои им помагаат на силите на Киев да користат напредни артилериски ракетни системи ХИМАРС.

УКРАИНА - Украинските власти објавија дека руските сили продолжиле да го гранатираат Доњецк во обид да го заземат Донбас. Во соседниот регион Луганск, украинските војници се бореа да ја задржат контролата врз две села додека беа изложени на руската артилерија, изјави Серхи Хајдај, гувернер на Луганск.

СРБИЈА - Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска почнува консултации за кандидат за нов премиер, а на првиот ден од консултациите ќе разговара со претставници на четири изборни листи кои го поминаа цензусот на парламентарните избори одржани во април годинава.