Ќе влеземе во ЕУ како Македонци кои зборуваат македонски јазик, изјави денеска координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата Јован Митрески на прес-конференција попладнево во Собранието.
Народот, како што рече тој, ги слушнал силните пораки од претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен: „Македонци со чист македонски јазик во ЕУ без додавки, модификации и квалификации“.
„Македонскиот јазик ќе ечи и во ЕУ, а овие примитивци, осудени криминалци нема да ја закочат државата. Продолжуваме по европскиот пат, ние ќе влеземе во ЕУ како Македонци кои зборуваат македонски јазик“, нагласи Митрески.
Македонскиот јазик е ваш, историјата не е услов за преговорите - порача Фон дер Лајен во Собранието
Пратениците од ВМРО ДПМНЕ ги нарече лажни патриоти кои што бегаат од дебата.
„Македонската вистина е една и ниту едни лажни патриоти со вувузели не можат да ја замолчат. Антиевропската коалиција толку може, тензиите и крвавите сценарија кои намерно ги ширеа по улиците и не им успеаја, сакаа да ги пресликаат и овде во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ се плаши и не сака дебата, затоа се нервозни, бидејќи ги лажеа граѓаните“, рече Митрески.