Седницата за францускиот предлог на пауза, Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ го искина документот

Кинење на францускиот предлог во Собрание

Седницата на која треба да се разгледува францускиот предлог, само што почна, беше прекината, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара пауза од еден час.

Пратеничката Дафина Стојановска од оваа партија го искина документот и повика тој да биде вратен во Владата, каде, како што вели, му е местото, оти станува збор за меѓувладина конференција со ЕУ, доколку се прифати предлогот.

„Ниеден документ којшто вие би го потпишале нема да има легитимитет додека не го добие најбитниот печат, а тоа е печатот од народот“, рече таа.

Стојановска се надева дека паузата ќе ги предомисли пратениците до владејачкото мнозинство.

Мицкоски: Дали за почеток на преговорите треба прво да се смени Уставот?

Претседателот на Собранието Талат Џафери пред да даде едночасовна пауза порача да живее демократијата, оти како што рече, тоа е најдемократското што може да се направи.

Џафери претходно на Фејсбук објави дека пораката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен при обраќањето пред пратениците е јасна – во ревидираниот предлог стои македонски јазик и се почитува националниот идентитет.

Собранието на 81-та пленарна седница треба да расправаа за францускиот предлог, по што ќе треба и да бидат усвоени заклучоци, односно насоките што ќе и бидат испорачани на Владата.

Претходно претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред пратениците во Собранието во Скопје порача дека ЕУ ја чека Македонија.

Таа вели дека ја разбира фрустираноста што земјата се уште не е членка, но додава дека ако се прифати францускиот предлог веќе следната недела ќе има меѓувладина конференција.