Претседателот Пендаровски се сретна со претседателката на ЕК дер Лајен

претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен

Шефот на македонската држава Стево Пендаровски денеска ја прими претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен која престојува во еднодневна посета на Македонија. На средбата, како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, било разговарано за актуелните политички состојби во земјава и процесите поврзани со европските интеграции. Претседателката на Европската Комисија, Фон дер Лајен, според соопштението, потврдила дека со првата меѓувладина конференција којашто треба да се одржи набрзо, доколку биде прифатен предлогот за преговарачката рамка, започнуваат конкретните преговори и веднаш започнува скрининг процесот. Исто така, со започнувањето на пристапните преговори со ЕУ, најбрзо што е можно ќе се пристапи кон потпишување на билатерални договори меѓу Северна Македонија и Европската Унија, на македонски јазик и на останатите службени јазици на Унијата.

Денот Д за „Да“ или „Не“ на францускиот предлог

Претседателот Пендаровски го реафирмираше ставот дека прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи деблокада на евроинтеграциите и отворање на првата фаза од пристапните преговори, што ќе претставува позитивен импулс за реформскиот процес и напредок на Северна Македонија. Во тој контекст, претседателот Пендаровски потенцираше дека македонскиот јазик и идентитет мора да бидат почитувани и гарантирани од страна на Европската Унија. Претходно дер Лајен имаше кратка средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи. Според агендата, таа ќе се сретне со премиерот Димитар Ковачевски и со собранискиот спикер Талат Џафери, а потоа ќе се обрати и во Собранието. „Мило ми е што сум денеска во Скопје. Северна Македонија е вистински и доверлив партнер. Луѓето од МК ја покажаа својата посветеност на европските вредности. Тие заслужуват да ја гледаат својата земја како напредува на патот кон членство. Сега е на МК да го направи одлучувачкиот чекор напред“, беше нејзината порака ппо пристигнувањето во Скопје.