ЕУ се подготвува да објави нова рунда санкции против Русија во следната недела, со кои се очекува да се забрани увозот на руско злато и да се „затворат постојните дупки“ во режимот на казнени мерки , наведува Еуроактив. Подготовките на амбасадорите на ЕУ за седмиот пакет санкции продолжуваат денеска и утре, а најверојатно членките на ЕУ ќе ги одобрат кон средината на следната недела, изјавија за бриселскиот портал неколку дипломати на ЕУ. Таканаречениот пакет за имплементација би вклучувал забрана за увоз на руско злато, што е најголемиот извоз на Русија освен енергијата.
Путин - Санкциите може да доведат до катастрофални поскапувања на енергијата за Европа
Овие мерки беа договорени на самитот на Групата 7 во јуни од Франција, Германија и Италија со партнери од САД, Канада, Јапонија и Велика Британија. Аналитичарите велат дека забраната би била симболична, бидејќи претходните санкции против Москва веќе ефективно ги затворија европските и американските пазари, вклучително и трговските центри Лондон и Цирих. Новиот пакет, исто така, ќе го прошири списокот на стоки со двојна употреба чиј извоз во Русија е забранет, како и списокот на поединци и субјекти поврзани со поширокиот круг околу претседателот Владимир Путин, изјавија дипломати на ЕУ. Мнозинството членки на ЕУ се согласуваат дека санкциите ја „вршат работата“, но дека е потребно време за да се покаже нивното целосно влијание врз руската економија.