Во Македонија регистрирани 2091 заразени со ковид-19

Oстануваат да важат мерките за задолжително носење маска во јавниот превоз, здравствените домови, аптеките, домовите за стари лица и лица со попреченост.

Од вкупно 1 153 тестирања од вчерашната ковид статистика, регистрирани се 411 лица позитивни на коронавирусот, односно 35 проценти од тестираните се позитивни. Согласно податоците од Институтот за јавно здравје од вкупниот број позитивни лица, 88 се реинфекции, а нема починати лица. Оздравени се 210 пациенти. Комисијата за заразни болести утре ќе одржи состанок на којшто ќе се дискутира за состојбата со вирусот во земјава. Засега остануваат да важат мерките за задолжително носење маска во јавниот превоз, здравствените домови, аптеките, домовите за стари лица и лица со попреченост. Во тек е и вакцинацијата за четврта доза против коронавирусот. Чевртата доза можат да ја примат сите граѓани над 18-годишна возраст кои примиле три дози вакцина против КОВИД-19, на сите вакцинални пунктови без закажување. Вакцинацијата со четврта доза, како што соопшти Министерството за здравство, е предвидено да се спроведува со мРНА вакцина на „Фајзер“ или „Модерна“. Препорачаното растојание меѓу трета и четврта, односно бустер доза е најмалку четири месеци.

Бројките на ковид заразени растат, интересот за имунизација стагнира

-Вакцинацијата со четврта доза посебно се препорачува кај хронично болни, пациенти на дијализа, трансплантирани, онколошки пациенти, имунокомпромитирани и пациенти кои примаат имуносупресивна и имуномодулаторна терапија за која било индикација и кај лица над 60 години. Вакцинацијата е најдобра превентивна мерка за заштита од потешка форма на вирусот ковид-19. Државата располага со доволни количини вакцини, кои се безбедни и ефикасни и ги повикуваме граѓаните да се имунизираат во вакциналните пунктови со вакцина против Ковид-19, со цел да стекнат дополнителен имунитет, велат од Министерството за здравство. Светската здравствена организација апелира дека ковид-19 сè уште е глобална вонредна состојба, речиси две до две ипол години откако првпат беше прогласена.