ВМРО-ДПМНЕ повика на масовен протест пред Собрание утре во 12 часот, иако портпаролот на партијата, Наум Стоилковски претходно рече дека утре протестот ќе почне во 13:30 часот.
Од ВМРО-ДПМНЕ вечерва по протестот преку соопштение ги повикаа граѓани масовно да излезат утре напладне пред Собрание во очи на собраниската расправа, за како што наведуваат, срамниот предлог кој ја бугаризира Македонија.
„Да излеземе масовно и да протестираме мирно и достоинствено против асимилација и бугаризација на Македонија. Да порачаме дека Македонија не е на продажба, дека информацијата и да помине во Собранието, уставните измени нема да поминат. Власта мора да го отфрли предлогот“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Протестите „Ултиматум – не, благодарам“ се одржуваат речиси секој ден од 2 јули против францускиот предлог, но утре протестот ќе почне порано, оти предлогот ќе се разгледува во Собрание, а претходно обраќање до пратениците ќе има претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Седницата на која таа ќе се обрати ќе почне во 13 часот, а половина час подоцна и седницата на која ќе се разгледува францускиот предлог.
Претходно денеска од Левица соопштија дека нивните активисти кои досега кампуваа пред Влада, утре се селат пред Собранието. Од партијата ги повикаа граѓаните утре во 12 часот да дојдат пред Парламентот.