Левица повика на протест пред, а ВМРО-ДПМНЕ по обраќањето на Фон дер Лајен

Пред Собрание активисти на Левица донесоа гилотина на која пишуваше „француски предлог“.

Утре протестот против францускиот предлог наместо во 19 часот, ќе започне порано, пред седницата на која ќе се разгледува францускиот предлог. Демонстрантите ќе се собираат пред Собрание, каде е закажана седница на која ќе се разгледува францускиот предлог. Пред седницата на пратениците треба да им се обрати претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Од Левица соопштија дека нивните активисти кои досега кампуваа пред Влада, утре се селат пред Собранието. Од партијата ги повикаа граѓаните утре во 12 часот да дојдат пред Собранието. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, во говорот пред Собрание, пак, повикаа граѓаните утре да се соберат пред Парламентот во 13 и 30.

Утре во посета на земјава доаѓа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Таа претпладне ќе има средби со државниот врв. Седницата на која ќе се обрати Фон дер Лајен е закажана за 13 часот, а половина час подоцна треба да почне седницата на која ќе се расправа за предлогот.

Демонстраните на протестот донесоа и мисирка, како што рекоа, тоа е „ќурка“ за премиерот Димитар Ковачевски.


Демонстрантите вечерва, на десеттиот по ред, протест против францускиот предлог донесоа мисирка, и како што рекоа тоа е „ќурка“ за премиерот Димитар Ковачевски. Потоа мисирката врзана на автомобил ја однесоа и пред Собрание. На денешниот протестен марш, демонстранти изведоа и перформанс пред МНР, на кој „предавници“ го потпишуваа францускиот предлог, а потоа пред Собрание активисти на Левица донесоа гилотина на која пишуваше „француски предлог“.


Протестите, кои започнаа на 2 јули, се одржуваа секој ден во 19 часот, освен во петокот, кога незадоволството беше искажано преку блокади и во саботата поради муслиманскиот празник Курбан Бајрам.

Голем број граѓани протестираат против францускиот предлог, чие евентуално прифаќање треба да доведе до кревање на бугарското вето и почеток на преговори за влез на земјава во ЕУ. Под мотото „Ултиматум, не благодарам“ и „Со фашисти не се преговара“, присутните порачуваат „не“, на како што велат за бугаризација на Македонија.